Четворица починати пациенти, 23 новозаболени и 111 излекувани е билансот на ковид-19 во земјата за последните 24 часа, информираат од Министерството за здравство (МЗ).
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на возраст од 62 години, а во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Гостивар на возраст од 59 години. Во денешниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово, на возраст од 72, односно, 79 години. Едната пациентка се лекувала во домашни услови, додека другата се лекувала на инфективното одделение во болницата во Куманово“, се вели во соопштението на МЗ.
Министерството за здравство информира дека на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска се регистрирани 111 излекувани пациенти и тоа од Скопје – 13, од Куманово – 74, од Штип – 1, од Прилеп – 18, од Битола – 1, од Охрид – 1, од Крива Паланка – 1, од Пробиштип – 1 и од Демир Хисар – 1.
Во изминатите 24 часа се направени 386 тестирања, а потврдени се 23 нови случаи на ковид-19 и тоа во Скопје – 5, во Куманово – 5, во Прилеп – 3, во Тетово – 6, во Велес – 2 и во Неготино – 2. Двете лица заведени во ПЕ Неготино, се жители на Демир Капија. Со ова вкупната бројка на ковид-19 дијагностицирани случаи во нашата земја изнесува 1.465, бројката на оздравени пациенти е 738, на починати лица е 77, а бројот на активни случаи во земјата во моментот изнесува 650.
Последната дистрибуција по градови е следна: Скопје – 498, Куманово – 389, Дебар – 51, Штип – 34, Прилеп – 150, Тетово – 82, Струга – 66, Велес – 71, Битола – 19, Охрид – 15, Кавадарци – 5, Гостивар – 17, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 5, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 28, Пробиштип – 2, Кичево – 2, Неготино – 9, Демир Хисар – 1, Македонски Брод – 2, Пехчево – 2, Делчево – 1, Валандово – 1 и Виница – 2.
Направените 386 теста се преку ИЈЗ – 287, преку Ветеринарен факултет – 11, преку „Авицена“ – 14, преку „Биотек“ – 20, преку Клиниката „Филип Втори“ (Жан Митрев) – 23, преку „Систина“, со PCR метода, – 21 и преку МАНУ – 10. Досега во земјата се направени вкупно 16.436 тестирања на ковид-19, потенцираат од Министерството за здравство.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени двајца нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 49. На кислородна поддршка се 28, а на механичка вентилација се двајца пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се пет нови, а вкупно хоспитализирани се 24 пациенти. На респираторна машина се четворица пациенти, а уште тројца имаат потешка клиничка слика.
Во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, а на домашно лекување се следат тројца. Во болницата во Штип се хоспитализирани двајца пациенти, а уште петмина се следат на домашно лекување.
На инфективните одделенија во Прилеп, во Велес, во Куманово, во Охрид, во Гостивар и во Тетово се хоспитализирани вкупно 46 позитивни и суспектни на ковид-19.