Велика Британија, Унгарија и САД се топ 3 дестинации за онлајн шопинг на македонските граѓани. На македонски веб продавници, пак, најмногу се пазари со американски платежни картички, покажуваат податоците за реализирани трансакции во текот на 2019 година, објавени на интернет страницата на Народната банка.
Во текот на 2019 година со домашни платежни картички во странство се реализирани 3.375.597 милиони онлајн трансакции во вкупна вредност од 100,3 милиони евра. Со странски платежни картички во земјава, пак, се реализирани 170.390 онлајн трансакции со вкупна вредност од 6,85 милиони евра, информира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Од вкупниот износ во вредност од 100,3 милиони евра кои Македонците во текот на 2019 година ги потрошиле при онлајн купување на производи од странство, дури 78,4 проценти од вредноста е реализирана во Велика Британија, во Унгарија, во САД, во Холандија, во Ирска, во Луксембург, во Грција, во Германија, во Австрија и во Шпанија.
Убедливо најголем број трансакции со домашни платежни картички (вкупно 1.294.814 милиони) се реализирани во интернет продавници кои потекнуваат од Обединетото Кралство.
Официјалните податоци покажуваат дека и странците купуваат онлајн од македонски веб продавници. Конкретно, во 2019 година од вкупно реализираниот износ најголем дел отпаѓа на сопствениците на картички од САД, од Велика Британија, од Канада, од Швајцарија, од Бугарија, од Австралија, од Германија, од Шведска, од Турција и од Италија.
Од аспект на вредноста на трансакциите, просечна вредност на трансакциите со платежни картички од земјава кон Велика Британија изнесува 1.012 денари, односно 5.268 денари кон Унгарија и 1.115 денари кон САД.
Просечната вредност, пак, на трансакциите со американски картички кон македонските интернет продавници е 2.839 денари, додека просекот на купување со британски картички е 2.305 денари.