Државите членки во Европската Унија, со поддршка на Европската комисија, објавија официјален документ во кои се наведени предностите и клучната важност од користењето на апликации за следење на контактите на лица кои се позитивни на коронавирусот, со цел навремено детектирање на потенцијално новозаболени, рано тестирање и спречување на ширење на вирусот.
На овој начин, како што се наведува во документот во време на пандемија, уште еднаш се потврдува улогата на технологијата за побрзо враќање на нормалниот тек на живот, се наведува во соопштението на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
„Апликациите за спречување на ширење на ковид-19, доколку се целосно во согласност со правилата на ЕУ, може да играат клучна улога во сите фази на управување со кризата, особено кога ќе почне постепеното укинување на мерките за социјално дистанцирање. Тие можат да ги надополнат постојните анкетни листови за контактите на лицата позитивни на ковид-19 и да помогнат во прекинувањето на ланецот на пренос на вирусот“, додаваат од МИОА.
Според комесарката за здравство и безбедност на храна, Стела Киријакидес, дигиталните алатки ќе бидат клучни за заштита на граѓани, бидејќи надоаѓа период на постепено олабавување или укинување на мерките за седење дома.
„Апликациите за мобилни телефони можат да нè предупредат за ризиците од инфекција и да им помогнат на здраствените власти за да ги пробијат ланците на пренос. Треба да бидеме посветени, креативни и флексибилни во нашиот пристап за повторно да ги отвориме нашите држави. Треба да продолжиме да ја намалуваме кривата – и да ја задржиме надолу. Без безбедни и соодветни дигитални технологии, нашиот пристап нема да биде ефикасен“, нагласи Киријадикес.
„Северна Македонија, во контекст на препораките на Европската Комисија, е една од првите држави кои изработија мобилна апликација за спречување на ширењето на ковид-19, согласно сите стандарди за заштита на приватноста на граѓаните. Апликацијата „СтопКорона“ е достапна на:https://stop.koronavirus.gov.