МВР поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство против Т.Ш. (53) од Скопје, поради основано сомневање дека вчера на ул. „Рифат Бурчевиќ“ во општина Чаир, ги лишил од живот Алаедин А. (57) и Мустафа А. (28), од Скопје.
Како што сооппштија од МВР, на 18-ти овој месец, претходела вербална расправија меѓу сега починатиот Мустафа А. и Т.Ш., во која Т.Ш. му удрил шлаканица на Мустафа А. Вчера, околу 11 часот, Мустафа А. заедно со татко му, Алаедин А, дошле на ул. „Рифат Бурчевиќ“, пред куќата на Т.Ш. за да го разрешат недоразбирањето од претходниот ден. Прво почнале да викаат по Т.Ш., а потоа почнале да тропаат на портата. Кога пријавениот видел дека еден од нив е со лопата во рацете, од неговата соба зел револвер, кој го поседувал без дозвола, излегол пред портата и го застрелал Мустафа трипати во градите, а татко му еднаш во главата, по што се дал во бегство.
Настанот го пријавил полицаец кој бил сосед на пријавениот, а се обидел и да го спречи во бегството и по радиоврска објавил во која насока се движи. Набрзо по објавата, на улицата „Дижонска“, пријавениот бил забележан од полициски службеници на Единицата за брз одговор и интервенција „Алфа“, кои му пришле да го легитимираат, но тој пружил отпор, по што бил совладан и приведен во полициска станица. Во моментот на лишувањето од слобода, кај Т.Ш. биле пронајдени еден револвер „Магнум“, со пет чаури и еден неиспукан проектил, како и 2.300 евра и 16.000 денари.
Полициските службеници, во присуство на Јавен обвинител извршиле увид на местото на настанот, а подигнатиот материјал е предаден за понатамошна обработка во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.




