Ново-откриената вакцина NDV-HXP-S влегува во првите клинички испитувања овој месец. Испитувањата ќе бидат одржани во Бразил, Мексико, Таиланд и Виетнам. Оваа вакцина била развиена со помош од University of Texas at Austin и би требало да чини многу помалце од другите вакцини достапни на пазарот.
NDV-HXP-S го напаѓа Корона вирусот преку еден вид на spike протеин кој се вика „HexaPro”. Овој протеин се закачува на површината на Корона вирусот за да натренира човечкиот организам да се бори против вирусот.
Освен ова, друга голема разлика кај NDV-HXP-S е што методот на производство е многу поедноставен. Вакцината се произведува во јајца од кокошки на сличен начин како што се произведува вакцината против инфлуенза (обичниот грип). Годишно се произведуваат милијарди вакцини против инфлуенза низ целиот свет. Ова значи дека веќе постои инфраструктура за потенцијалната продукција на новите NDV-HXP-S вакцини така што истите фабрики кои до сега произведувале вакцини против инфлуенза би можеле да ги произведуваат NDV-HXP-S. Центарот за вакцинациска иновација и пристап PATH веќе организираше да се започне со продукција на илјадници дози на NDV-HXP-S во една виетнамска фабрика која обично произведува вакцини против инфлуенза.
NDV-HXP-S вакцината би имала и уште неколку економски и производителни бенефити. Од едно јајце се добиваат само една до две дози од вакцината против инфлуенза. За разлика од оваа сезонска вакцина, од едно јајце би можело да се произведат пет до десет дози од NDV-HXP-S.
Исто така еден од најголемите проблеми со вакцините против Корона вирусот кои се до сега достапни е дека тие треба да се држат на многу ниски температури за да не се расипат – не секое населено место има капацитет да складира вакцини на вакви температури. На пример Pfizer вакцината ѝ е потребна температура од -80 °C до -60 °C за да се складира подолго време. За разлика од Pfizer, NDV-HXP-S може да се складира на температура од 2 °C до 8 °C што претставува огромна разлика во поглед на складирање и дистрибуција на оваа вакцина, особено во порурални средини.
“Ќе даде одлична заштита. Мислам дека е вакцина од светска класа,” кажа Д-р Брус Инис од Центарот за вакцинациска иновација и пристап PATH.
Ако клинички испитувања го потврдат мислењето на Д-р Инис, тоа би биле одлични вести за милирди луѓе кои сѐ уште немаат добиено ни една доза од другите вакцини на пазарот. Исто така за сега нема индикации дека NDV-HXP-S би била безбедна за само одредени популации за разлика од вакцината на Астра-Зенека за која денес британскиот здравствен регулатор ја оцени како не до крај безбедна за лица под 30 години заради одредени случаи на згрутчување на крвта кај оваа група.
Веќе подолго време се дискутира околу нееднаквата дистрибуција на вакцините низ светот. Додека САД и други побогати држави имаат вакцинирано голем дел од своето население, пред само месец и пол дури 130 држави во светот немаа добиено ниту една вакцина. Посветена на вчерашниот светски ден на здравјето, Обединетите Нации (ОН) имаат објавено декларација за вакцинациска еднаквост која е далеку од постигната.
Ако NDV-HXP-S вакцината се покаже безбедна и ефективна, оваа вакцина би можела потенцијално да го донесе светот поблиско до посакуваната вакцинациска еднаквост. Ако клинички испитувања имаат позитивни резултати, тогаш можеби конечно ќе можат и посиромашните држави да ги вакцинираат своите граѓани со исто (ако не и побрзо) темпо како и богатите.
Елена Гаговска