Пред Министерството за образование и наука се одржа протестот на родителите од Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“. Тие се против предлог зконот за дигитализација на учебниците, а во моментов учесниците на протестниот марш се пред Собранието. Освен во Скопје, протести беа најавени во уште 20 градови во земјава.
Преку транспаренти учесниците на протестниот марш порачуваат дека и натаму се на барањето за референдум, а дека нивните деца ќе ја бојкотираат наставата доколку барањата не бидат прифатени.
Родителите велат дека се за дигитализација на учебниците, но не на начин како што најавува МОН.
– Ова го правиме за подобра иднина на нашите деца. Може да има дигитализација, ама не целосна како што бараат од Министерството за образование и наука. Има земји кои и по 2 години од воведената дигитализација, повторно им се вратиле на учебниците – изјави пред протестот Драгана Спасевска од Иницијативата. Пред започнување на протестите, Спасевска за НоваТВ изјави дека очекуваат да има двојно повеќе учесници отколку на претходниот протест.
Од оваа Граѓанска иницијатива денеска по втор пат поднесоа иницијатива за организирање референдум на државно ниво на кој родителите ќе се изјаснат за најавените реформи во образованието.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, пред протестот изјави дека барањата не се поврзани со дигитализација, а дека мора да има промени во образованието бидејќи „ако остане вака, тапкаме во место“.
Царовска и вчера потстети дека дигитализираните учебници од наредната учебна година ќе бидат воведени само во четврто одделение, а сите останати продолжуваат да работат по сегашниот модел.
– Затоа што дигитализацијата не зависи од нашата држава, дигитализацијата зависи од светот кој интензивно ги припрема своите деца да живеат и работат во 21 век. Токму затоа, дигитализацијата е нужна и неопходна и тоа го видовме во времето на пандемија, нагласи Царовска.