„Скопјани очајно имаат потреба за поинакви градски политики, но градските власти сметаат дека знаат повеќе од обичните граѓани. Наместо да го спроведат тоа за што заедницата се изјаснила дека и е потребно, тие како и секогаш наоѓаат бирократски изговори за нивната пасивност“. Со ваква реакција Коалицијата „Зелен хуман град“ го искажа своето нездоволство од, како што велат, игнорансткиот однос на градските власти, кои одбиле еко предлозите на платформата „МојГрад“ да ги стават на дневен ред на седница на Советот на Град Скопје.
“Образложението е дека на тие предлози “веќе се работи”, иако не се на повидок субвенции за стерилизација на милениците, ниту се подобрува пристапот на улиците за хендикепираните лица, а напуштената фабрика Купрум продолжува да пропаѓа, иако со години постои проект за нејзина трансформација во прв студентски град“, се вели во писмената реакција на Коалицијата.
Одлуката на Советот да ги игнорира нивните барања ја оценуваат како пораз за демократијата. Велат трите одбиени предлози остануваат високо на агендата на нивното делување како еко – здружение и најавуваат дека проектите ќе се обидат да ги реализираат преку други канали.