Годинешната Пулицерова награда во најпрестижната категорија „Во служба на јавноста“ ја доби весникот „Њујорк Тајмс“ за неговото „храбро и сеопфатно“ известување за пандемијата на коронавирусот, соопштија организаторите во Њујорк.
Новинарот Ед Јонг од списанието „Атлантик“ и фотографот Емилио Моренати од новинската агенција Асошиејтед Прес (АП) исто така беа наградени за известувањето за пандемијата.
Покрај наградите за следење на пандемијата на коронавирусот, значаен дел од признанијата беа доделени и за известувањето за протестите по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд кои прераснаа во движењето „Црните животи се важни.
Американскиот весник „Минеаполис стар трибјун“, пак, е добитник на годинешната Пулицерова награда во категоријата ударни вести за известувањето за смртта на Џорџ Флојд за време на полициското приведување, додека новинската агенција Ројтерс и часописот „Атлантик“ ја поделија наградата за „објаснувачко новинарство“.
Комитетот за доделувањето на Пулицеровата награда на церемонијата, која беше пренесувана онлајн, соопшти дека доделил и награда за „посебно достигнување“ на Дарнел Фрејзер, тинејџерката која се најде на местото на убиството на Флојд и го сними со својот мобилен телефон.