Свеста за сериозноста на лекарските прегледи на спортистите е на многу ниско ниво. Дел од родителите ми велат „Ама детето има утре натпревар, дајте му печат, а прегледајте го друг ден!“ , па трескаат со врати, за жал! Чест на исклучоците! Без комплетен преглед во Заводот не издаваме потврда дека некој е способен да тренира. Кога се случи да почине ракометарот од Скопје по натпреварот, веднаш од клубовите навалија на прегледи, па цела недела ги прегледувавме ракометарите, предупредува во интервјуто за НоваТВ д-р Весна Трајческа Локвенец, специјалист по спортска медицина и раководителка на Службата за спортска медицина во Здравствен Дом Скопје.
За кусо време имаше два трагични случаи на спортските терени – во почетокот на јуни почина млад ракометар на РК Бутел од Скопје, 20-годишниот Марко Божиновски, кој, откако се вратил дома по натпреварот, легнал и заспал. И, за жал, не се разбудил. Пред неколку дена, среде фудбалскиот натпревар Данска – Финска на теренот се струполи фудбалерот Кристијан Ериксен кој колабираше и се најде во безживотна состојба, но, за среќа, преживеа. Д-р Трајческа Локвенец алармира што сè се случува во ординациите на Заводот, колку се важни и неопходни овие прегледи за спортистите и рекреативците, колку од овие состојби можат да се откријат преку прегледи, а кои се „темпирана бомба“ и не можат ниту да се дијагностицираат…
Д-р Весна, зошто откажува срцето среде утакмица, што се случува ?
– Сè почесто сме сведоци на ненадејна смрт на терен кај спортистите. Некогаш на прашањето зошто се случува „тоа и тоа“ кај професионални спортисти кои ги имаат претходно сите можни медицински иследувања едноставно немаме одговор. Факт е дека тука е поместена границата за возраста и тоа се случува кај сè помлади спортисти пред кои допрва е кариерата, но едно е сигурно – професионалните спортисти се изложени на екстремен напор, секојдневни тренинзи и по два пати дневно, натпревари минимум два во неделата и тоа е една од причините зошто срцето страда.
При такви ситуации на ненадејно колабирање станува збор за инфаркт и единствен спас во тие први минути (или секунди ) на срцево оживување е дефибрилатор.
Кои срцеви аномалии и заболувања може да предизвикаат ненадејна смрт и кај обичниот човек, а камоли кај спортистите?
– Срцевите аритмии се најчеста причина за ненадејна смрт. Иако теоретски, секоја тахиаритмија или брадиаритмија може да доведе до смрт, вентрикуларната тахикардија и фибрилација се најчестите аритмии. Потоа, големите анатомски нарушувања какви што се руптура на комора, руптура на аорта, дисекција на аорта или масивна тромбемболија поретко се причина за ненадејна смрт. Удар во пределот на срцето Comotio cordis може да биде причина за смрт. Исто така и структурни нарушувања на срцето какви што се хипертрофична миокардиопатија, мали коронарни артерии или вродена аортна стеноза. Кај овие лица се сретнуваат и наследни болести како продолжен ST синдром. Досега се откриени неколку болести кои се јавуваат поради мутација на барем 7 гени коишто го регулираат транспортот на јони низ клеточната мембрана.
Во некои ретки случаи причина за фатална аритмија е и примена на забранети стимуланси-ефедрин, дроги и др. А големиот психички стрес е предиспониорачки фактор за ненадејна смрт. Во моментот, да не го заборавиме и Covidot – особено последиците коишто ги остава кај спортистите – нагласува д-р Весна.
– Дел од овие состојби може да се откријат при превентивни лекарски прегледи со 12-канално ЕКГ, со тест на оптеретување и ЕКГ по оптеретување, ергометриски тестирања – стрес тест, евентуално Holter 24-часовен за ЕКГ , ЕХО кардиографија и магнетна резонанца на срце. Но, некогаш, и покрај сите овие испитувања, може да не се открие ништо, па да настане ненадејна смрт, нагласува д-р Трајческа Локвенец.
Вие давате согласност за некој спортист или ученик да може да тренира и професионално да се бави со спортот. Дали некој се дрзнува да бара и без преглед да го добие мислењето дека е способен да тренира?
– Ако Ви кажам дека минатата година некаде летото кога почнаа полека да се враќаат на тренинзи на отворено, заради пандемијата, доаѓа на закажан преглед мајка (јас мислев дека таа е пациентката) а потоа гледам по годините дека треба да е девојче од 10 години и ја прашувам: „Ајде, каде е спортистката?“, а таа ми одговара: „Не ја земав, знаете како е сега со коронава, па да не се зарази шетајќи по прегледи?!“, а доаѓа, нели за потврда!
Или пример – влегува детето на преглед со родителот, а родителот си гледа во телефонот додека трае прегледот и си пишува пораки?! Има безброј вакви примери за тоа колку дел од родителите се сериозни за важноста на прегледите.
Иако, морам да истакнам, и дека во последно време имаме многу повеќе прегледи, што зборува за фактот дека на некои од родителите веќе им е битно нивните деца да бидат соодветно прегледани, а не „колку да помине“. И тоа е поради нивната меѓусебна комуникација и размена на мислењето (меѓу родителите), што нас особено нè радува.
Зошто сите овие испитувања кај спортистите и рекреативците мора да се направат ?
– Наше е да им објасниме за сериозноста на ситуацијата, па може да побараме дополнителни испитувања кои, за жал, во ова време на корона многу тешко успеваме да ги закажеме затоа што нема термини, а ни се неопходни, па врз основа на тоа спортистот може привремено да го тргнеме од тренинзи, да паузира, додека некоја состојба се подобри или, за жал, некогаш и да дадеме забрана за професионално бавење со спорт.
Спортско-медицинската потврда ја даваме по извршен преглед кој се состои од лабораториски анализи, антропометрија, ЕКГ, тест на оптеретување и ЕКГ по оптеретување, стрес-тест и спирометрија.
– Свеста е голема за значењето на овие прегледи само кога, за жал, ќе се случи ваква немила ситуација, е тогаш и без конкретна потреба се бараат дополнителни прегледи за кои сепак ние (специјалистите по спортска медицина одлучуваме), а не тренерите, родителите и спортските федерации.
Здравствен Дом Скопје – Службата за спортска медицина е нашата матична установа, Институтот за физиологија, и уште две приватни здравствени установи во Скопје, а во останатите градови имаме во Битола, Прилеп, Струмица ,Кавадарци, Охрид, Гостивар. Само да напоменам дека, за жал, имаме многу малку специјалисти по спортска медицина!