ВМРО-ДПМНЕ е партијата која секогаш ги водела најтешките битки за својот народ, која имала заслужени подеми, но и заслужени порази. Која учела од грешките и како феникс се издигнувала од пепелта, затоа што и била потребна на Македонија. Трпела удари, силни удари, неправди, стигматизации, но никој не може да каже дека не била авангарда, градител на модерните текови, носител на решенијата потребни на луѓето на Македонија. И никој нема право да каже дека не сме се бореле за Македонија. Сме се бореле и ќе се бориме затоа што Македонија е нашето се, порача вечерва од Охрид, на прославата на 31 роденден на ВМРО ДПМНЕ, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
„Нови позитивни ветришта доаѓаат, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ги предводи промените кои во Македонија ќе создадат она што сега насушно треба, а тоа е систем. Систем на вредности и заслуги, систем на педантност во работата, чесност и одговорност. Реализација на идејата и сонот за Македонија како силна и ефикасна држава која ќе одговори за потребите на своите граѓани“, рече Мицкоски.
Тој вели дека денеска во Македонија постојат граѓани од прв и граѓани од втор ред, поделба која според него е директен производ на однесувањето на власта.
„Граѓани од прв и од втор ред е ситуацијата во која половина милион луѓе живеат со едвај 150 денари на ден, а политичарите од власта и нивните блиски одат на скапи летувања и зимувања, возат најмодерни возила, мотори и јахти, се гоштеваат со државни картици и народни пари. Граѓани од прв и втор ред е кога стотици илјади луѓе не може да стигнат до вакцина против Ковид, не се ниту вакцинирани, додека власта, нејзините семејства и блиски се вакцинираат пред сите други возрасни, хронично болни, мајки, трудници, па не само што се вакцинирани туку и веќе се ревакцинирани. Граѓани од прв и втор ред постојат кога огромно мнозинство на граѓани кои целиот свој работен век плаќале за здравствено осигурување не може да добијат лекарска грижа и мора да одат на приватен доктор, додека оние кои ја крадат државата на дневно ниво и им се поприоритетни провизиите, без проблем си плаќаат услуги во приватното здравство“, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ.
„Македонија за сите луѓе“ е новата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, додавајќи дека партијата во периодот што следува ќе ги посети сите населените места и градови и со граѓаните ќе се бараат заеднички решенија за економијата, здравството, образованието…