Утрешниот ден (сабота, 26 јуни) е резервиран за запознавање и уживање во убавините на Преспа. По една година пауза, поради епидемиолошките мерки што дојдоа како последица на пандемијата на ковид-19, и успешно реализираната приказна во 2019 година, езерскиот регион на југозападот од Македонија повторно ги отвора вратите и шири прегратки за посетителите.
„Запознај ја Преспа“ е слоганот за годинашниот еднодневен хепенинг што концепциски е замислен за уживање во езерото, локалната култура и традиционалната кујна.
Од 12 до 18 часот ќе се одржи Фестивал на традиционална кујна, а сите планирани содржини во текот на денот ќе бидат доволна инспирација за одлична забава во вечершните часови на плажа Дупени за која се задолжени Saso Recyd, Uzun Baba, како и гостите Positive Cuts од Албанија и Тhomas Numan од Грција.
Во рамките на настанот е организиран и бесплатен превоз од Битола до Љубојно и Маркова Нога. Зборно место за поаѓање е пред спортската сала во Битола во 13 ч., а враќање е од Маркова Нога 1 часот по полноќ.