Властите во автономниот регион Внатрешна Монголија запленија 169 рогови од загрозен вид елени, при што уапсени се 15 осомничени лица за шверц на производи кои потекнуваат од животински видови во изумирање.
Роговите, тешки вкупно 176,75 килограми, биле конфискувани откако сообраќајната полиција во градот Линзи запрела машинско земјоделско возило со истечена регистрација. Возачот, по име Чен, започнал да се однесува сомнително и се обидел да го скрие товарот од полицајците. Тој подоцна признал дека е дел од шверцерски канал, во кој биле вклучени повеќемина трговци од провинцијата Хебеј.
Еленот е заштитено животно во Кина и главно ги населува планинските области и пасишта во северниот дел на земјата.