За тоа дали и како нашата Влада ќе реагира по новите случувања во Авганистан Премиерот Зоран Заев, во одговор на новинарско прашање од Канал 5, изјавил дека Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и нашата Влада и дека ги информирал нашите стратешки партнери, САД, дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите.
– Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека сме спремни да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан, кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан – рече Заев.
Тој појаснил:
– Подготвени сме да обезбедиме сместување во хотели и одморалишта за што оперативата и трошоците за време на нивниот престој, до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД. Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи. Заеднички со САД ќе ги планираме идните чекори за натамошното постапување – порачал премиерот и додал дека во Авганистан во овој момент имаме и стотина македонски граѓани со кои е воспоставена комуникација, тие се чувствуваат безбедно, а компаниите за кои работат имаат обезбедено планови за евакуација.
– Пријателски земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Македонија – одговорил Заев.