Според последните податоци во терористичките напади на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, во авганистанската престолнина Кабул загинаа 90, а најмалку 150 лица се повредени.
Најмалку 90 луѓе загинаа во терористичките напади, од кои 13 американски војници, а 150 луѓе се повредени. Неидентификуван претставник на талибанците изјави дека загинале 28 талибанци, објави Би-би-си.
Тој додаде дека нема потреба да се продолжува датумот за завршување на евакуацијата и повлекувањето на американските сили, закажано за 31 август.
Претставник на западните безбедносни служби посочи дека евакуацијата на цивилите е забрзана и дека летовите се одвиваат редовно.
Две експлозии одекнаа вчера во близина на аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул, каде што се одвиваат операциите за евакуација. Нападите ги осудија многу држави, како и талибанците.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД ќе ги најдат сторителите и ќе се одмаздат, додавајќи дека добиле извештаи во последните неколку недели дека ИСИС-К ќе изведе напад на аеродромот во Кабул, поради што се решени да ја завршат мисијата во Авганистан до 31 август.