До синоќа на полноќ, општинските изборни комисии (ОИК) требаше да ги потврдат листите на кандидати за градоначалници и членови на општинските совети и Советот на Град Скопје поднесени од политичките партии, коалициите и групи граѓани, за учество на локалните избори на 17 октомври.
По ова, Државната изборна комисија (ДИК), најдоцна до 23 септември треба да изврши жребување за нивниот редослед на гласачките ливчиња. Кандидатите за градоначалници и листите за советници на една партија или коалиција или групи граѓани добиваат ист реден број во сите општини. По извршениот жреб потврдените кандидатски листи ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и огласени од страна на избирачките одбори.
Исто така, најдоцна до 23 септември (четврток), е предвидено овластените претставници на сите политички партии, односно подносителите на листи на кандидати за локалните избори, на централно ниво, да потпишат Кодекс за фер и демократски избори, во организација на Државната изборна комисија, а во соработка со Националниот демократски институт.
Со Кодексот за фер и демократски избори, што го усвои ДИК, учесниците во изборниот процес се обврзуваат да ги почитуваат принципите на демократија и доброто владеење, со цел да се зацврстат фундаменталните вредности на демократијата и довербата во изборниот систем. Со Кодексот за фер и демократски избори учесниците во изборниот процес, исто така, ќе се обврзуваат да ги почитуваат законите кои се релевантни за изборите и да не вршат притисок врз гласачите, да не се користи говор на омраза и да не се врши дискриминација врз основа на пол.