Официјални претставници на Геолошкиот институт на САД уште вчера потврдија дека започнала ерупција во кратерот Халемаумау на вулканот Килауеа која се манифестираше на врвот на вулканот.
Снимките од веб – камерата на кратерот покажаа фонтани со лава што го покрива дното на кратерот и облаци од вулкански гас кои се креваат во воздухот. Областа околу кратерот како наеднаш да стана големо езеро исполнето со лава како неколку пати во минатото.
Ерупцијата не е во населена област и еруптивната активнсот се случува во Националниот парк на вулканите на Хаваи.
„Сите знаци покажуваат дека лавата ќе остане во кратерот“, рече Кен Хон, научник на USGS задолжен за опсерваторијата за вулкани на Хаваи. “Не гледаме никакви индиции дека лавата се движи во долниот дел од зоната на источниот расцеп каде што има помало населено место. Во моментов целата активност е во паркот.”
Нивото на предупредување од вулканската активност е зголемено а авијацискиот код е променет во црвено.
Вчера официјалните лица рекоа дека е откриена зголемена земјотресна активност и „дуење“ на почвата, по што беше подигнато нивото на тревога.
Килауеа имаше голема ерупција во 2018 година која уништи повеќе од 700 куќи и расели илјадници жители. Пред таа ерупција, вулканот имаше помала активност која траеше со децении, но главно не во густо населените станбени области.
Килауеа еруптираше и во 1983 година. Потоците од лава ги прекрија руралните фарми и домови и стигнаа до океанот, предизвикувајќи драматични интеракции со водата.