Два месеци домашен притвор за Сергеј Удаљцов еден од лидерите на руската опозиција.
Московски суд вчера му одреди домашен притвор на опозициониот лидер Сергеј Удаљцов поради обвинение дека поттикнува масовни немири со цел да го собори од власт претседателот Владимир Путин.
Удаљцов за време на осумнеделниот домашен притвор не смее да користи ниту телефон ниту интернет. Освен тоа, не смее да прима и испраќа писма и без согласност на властите да го напушта станот.
Лидерот на опозицискиот лев фронт, кој досега имал забрана за патувања надвор од Москва, би можел да добие затворска казна од 10 години, јавува Дојче веле.
Властите започнаа истрага против 35-годишниот опозиционер откако државната телевизија во октомври минатата година емитувала документарен филм, според кој Удаљцов планира бунт против Владата на Путин.
Удаљцов ги отфрли ваквите обвинувања и смета дека станува збор за политички мотивиран притвор.