Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници денеска во Скопје беше одбележан со традиционалниот 14. Марш на црвените чадори.
Маршот го организира Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-Стар“ под мотото „Декриминализација, кога?“ .
– Свесни сме за тешкиот период за сите нас предизвикан од ковид-19, но државата мора да мисли и на најранливите категории граѓани. Бараме итна и неодложна декриминализација, оти меѓудругото, го ограничува полициското насилство и го подобрува пристапот до здравството, рече претставничка на секусуалните работнички.
Тие сметат дека декриминализацијата не значи дека сексуалната работа нема да биде регулирана, туку таа ќе се регулира од здравствените власти, институциите од областа на работничките права и социјалната заштита.
Според Драгана Дрндаревска, правен застапник во Коалцијата Маргини, сексуалната работа во земјава мора да се декриминализира и со таков модел ќе се овозможи почитување на човековите права.
Податоците на ХОПС-Опции за здрав живот велат дека во земјава има околу 200 сексуални работници.