Со 101 глас „За“ пратениците на денешната 62 редовна Седница дадоа зелено светло за предлог измените на Законот за минимлна плата, кој вчера од Владата беше доставен во Парламентот.
Предлог- измените пред пратениците ги образложи министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која посочи дека со овие измени на Законот, Северна Македонија станува лидер во Европа по утврдената висина на уделот на минималната плата во просечната кој се предлог законкото решение ќе изнесува 62 проценти.
„Со предлог измените на Зконот за минимална плата кој ги предложи Владата, донесени во преговори со социјалните партнери, се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата. Овие законски измени се носат во интерес на работниците, заштита на стандардот на граѓаните и економскиот статус на работникот“, рече во своето излагање министерката Тренчевска и додаде дека за имплементација на овој Закон, Владата предвидува финансиска помош за компаниите за педиодот од март до декември оваа година како помош за исплата на разликата за придонесите.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно Деловникот, ја задолжи матичната Комисија за труд и социјална политика во законски редвидениот рок да отвори расправа за предлог – измените на Законот за минимална плата.
Предлог – измените на Законот за минимална плата ќе опфатат околу 80.000 работници, кои со исплатата на мартоската плата во месец април наместо 15.200 денари ќе добијат нето плата од 18.000 денари.
ВМРО – ДПМНЕ со амандман ќе бара усогласување на сите останати плати
Од ВМРО – ДПМНЕ, пак најавија амандманска интервенција на овој Закон со цел да не се дозволи урамниловка односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места.
„Како пратеничка група ќе бараме усогласување на Колективните договори со новата минимална плата од 18 илјади денари и тоа преку амандман ќе го предочиме на Комисијата за труд и социјална политика“, рече во изјава за НоваТВ, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Од партијата очекуваат владејачкото мнозинство да излезе во пресрет на барањата и платите на културните работници, на наставници, на здравствените работници, но и на сите останати вработени во јавниот сектор да пораснат сразмерно со новата минимална плата.
УПОЗ на средба со министерот за администрација – бараат скалесто зголемување на платите во администрацијата, во спротивно најавуваат штрајк
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) побараа од Владата скалестото зголемување на сите плати во јавниот сектор да се усогласи со растот на минималната плата. Тие денеска на оваа тема разговарале со министерот за администрација, Адмирим Алити.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски укажал дека доколку скалесто не се усогласат платите со порастот на минималната плата, системот на плати во државната администрација нема да функционира.
„Од страна на Министерот Алити беше посочено дека МИОА веќе преземало активности за решавање на ова прашање и дека очекува до крајот на месец февруари да се направи измена на Законот за административни службеници во делот на платите со што ќе има усогласување на платите во државната администрација“, се вели во соопштението на УПОЗ.
На средбата се дискутирали и за исплата на регресот за годишен одмор за 2020 и 2022 година, право кое на вработените во државната администрација им следува согласно Гранскиот колективен договор.
„Ова прашање беше покренато од страна на Синдикатот со оглед што во Буџетот за 2022 година, не се предвидени средства за исплата на популаното К-15, а за 2020 година, регресот воопшто не беше исплатен. Министерот Алити ги информираше преставниците на Синдикатот дека регресот за годишен одмор е загарантиран во Колективниот договор и дека со ребаланс на буџетот ќе бидат обезбедни средства за исплата на регрес за годишен одмор. Исто така на крајот, напомена дека на седница на Владата ќе го покрене и прашањето за не исплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година, со оглед што веќе се покренати тужби во граѓанскиот суд за остварување на ова право, а со цел да се спречи дополнително оштетување на буџетот со исплата на адвокатски и судски трошоци“, велат од УПОЗ.
Вчера, на прес конференција, од УПОЗ алармираа дека неусогласувањето на платите согласно Колективните договори ќе предизвика јаз помеѓу вработените. Побараа да се направат измени и на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството на начин што вредноста на минималната плата да се земе како основ на плата и сите вработени да имаат одредени бодови за ниво. На овој начин, според нив, ниту еден вработен во администрацијата не би бил на минимална плата и прв пат во историјата ќе имаме усогласување на платите со минималната плата во администрацијата и правосудството. Во спротивно, тие најавија дека ќе бидат приморени да ја активираат одлуката донесена во ноември и незадоволството на вработените да го изразат преку протести или преку други форми на притисок за други форми на штрајк.
ССМ ги повика сите градоначалници од опозицијата да ги зголемат платите на вработените со усогласувањето
Сојузот на синдикатите на Македонија побара од градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ да ги почитуваат колективните договори и коефициентите на сложеност на работните места како и порача дека работниците очекуваат конкретни чекори, а не само декларативни изјави.
„Ги потсетуваме дека согласно членот 8 од Законот за минималната плата, онаму каде што има градоначалници од нивната партија веднаш можат да пристапат кон зголемување на платите на работниците кои работат во комуналните претпријатија, јавните претпријатија кои се под локалнатите самоуправи и Градот Скопје, вработените во Општините, против пожарната служба, основните училишта и др. Работниците очекуваат како од централната така и од локалната власт не само да се залага декларативно, туку и преку конкретни чекори да ја зголеми платата на работниците согласно Законите и колективните договори“, се вели во објавата на ССМ.
Тие го повикаа претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да ги охрабри градоначалниците од неговата партија веднаш да постапат по закон и колективен договор и да ги зголемат платите на вработените и да бидат пример за како треба и останатите, скалесто да ги зголемат платите согласно порастот на минималната плата.
(Б.Божиновска)