Повторно не почна расправата по двете точки на дневниот ред на деветта седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.
Поради несогласувања на опозициските пратеници и претседателката на комисијата Жаклина Лазаревска од СДСМ околу дневниот ред на седницата, таа даде еден час пауза.
Според Лазаревска, дневниот ред бил изгласан со осум гласа „за“ на седницата на 17 јуни 2021 и затоа продолжуваат со работа.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, кои собрани пред претседателката реагираа бурно, негираа дека дневниот ред тогаш бил усвоен и побараа снимка од таа седница. Инсистираа дека треба да им се дозволи процедурални излагања пред усвојување на дневниот ред.
„Колку што сакате процедурални ќе имате, ако сакате пет месеци, пет месеци ќе си терате. Не е проблем, јас ќе ви давам“, рече Лазаревска, која за да ја смири полемиката даде еден час пауза, како што рече, за понатамошни договарања.
По подолго време е закажано продолжение на оваа седница на која уште од јуни на дневен ред се Предлог-законот за именување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието, двата во прво читање.
На почетокот на денешното продолжение претседателката на Комисијата Лазаревска соопшти дека е присутен заменик-министерот за образование и наука Љуљзим Алиу.
Од СДСМ преку допис реагираа дека опозицијата и натаму ги блокира овие Закони кои се од голема важност за просветните работници.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваат ниту да почне расправата за овие измени, а не пак тие да бидат донесени. Со овие измени над 27.000 наставници и стручни соработници ќе добиваат повисоки плати, а околу 4.700 од нив ќе добијат трајно вработување. Тоа ВМРО-ДПМНЕ го блокира цела година, го блокираше и денеска со попречување на работата, со викање и закани, деградирајќи го Собранието. Ете колку ВМРО-ДПМНЕ се грижи за наставниците, денеска на виделина уште еднаш излезе нивното лицемерие, нивната насилничка матрица и деструктивно дејствување. На ВМРО-ДПМНЕ не им се важни ниту граѓаните, ниту им е важно образованието, важни им се само личните и партиски интереси“, ве вели во дописот на СДСМ.