Бизнис потенцијалите на Северна Македонија претставени пред стопанствениците во Дубаи.
„Владата во бизнис секторот и во инвеститорите гледа партнери за поддршка на развојот на економијата. Преку отворен и континуиран дијалог со бизнис заедницата во изминатите неколку години изградени се цврсти и чесни јавно-приватни партнерски односи кои носат резултати“, рече вицепремиерот за економски прашања во Владата, Фатмир Битиќи на денешната бизнис конференција во рамки на Експо Дубаи 2020.
„Пред неколку години ги избришавме разликите за државна поддршка кои постоеја помеѓу домашните и странските компании. Сите компании кои работат во Северна Македонија се наши и ги имаат истите услови и можности за добивање поддршка од државата. Ова создава добра бизнис клима за инвеститорите со што ги бришеме границите и ја ставаме Северна Македонија на картата на држави со најпривлечна средина за инвеститорите“, потенцира вицепремиерот Битиќи.
Според него, со концептот на воспоставување на технолошките индустриски развојни зони се привлекоа повеќе од 35 мултинационални производствени компании со глобално влијание, а главната предност на слободните економски зони е комбинацијата од фискалните бенефиции и поддршка во готовина, иако сличен пакет за поддршка, како што рече Битиќи, се нуди и надвор од зоните со што сме многу конкурентни на регионалниот пазар. Пакетите за поддршка, додаде, вклучуваат и 10 годишно ослободување од данок на добивка и персонален данок на добивка.
„Освен тоа, ние сме фокусирани на преобликување на нашата економија преку носење подобро платени работни места и производство на производи со поголема додадена вредност, со поддржување на 50 отсто од вкупниот трошок за инвестиција за центрите за истражување и развој на компанијата покрај оние 50 отсто во нивната општа инвестиција во производствената линија, што значи дека 50 отсто од вкупната инвестиција се рефундира од Владата“, истакна вицепремиерот.
Осврнувајќи се на очекувањата на Владата за пост-КОВИД периодот, вицепремиерот Битиќи рече дека треба да се искористат научените лекции од кризниот период и Република Северна Македонија, како и целиот регион на Западен Балкан, да се фокусира на „near shoring“.
„Државите во Југоисточна Европа, особено шесторката од Западен Балкан треба да работат кон тоа да го доведат синџирот на добавувачи блиску до границите на Европската Унија. Бидејќи далечните пазари за снабдување се докажаа дека не се одржливи, треба да гледаме кон регионална конкурентност, а не кон создавање на регионална конкуренција, со цел да создадеме пазар што ќе компензира за и ќе ја подобри додадената вредност поради близината на синџирите на добавувачи“, нагласи Битиќи.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочи дека Владата, како сопствен придонес кон глобалните и регионални цели за справувањето со емисијата на стакленички гасови, ја усвои следнава цел: во 2030, 51 отсто намалување на емисии на стакленички гасови, во споредба со нивоата од 1990 година. Долгорочната визија на земјава, дополни, е до 2050 година да дојде до просперитетна економија со ниски емисии на јаглерод, која ќе следи одржливи развојни насоки отпорни на климатските промени.
„Ова може да се постигне главно преку затворање на термо-електраните во Осломеј и во Битола. Од друга страна, инвестираме во обновливи енергетски извори – соларна и ветерна енергија, со цел да привлечеме приватни инвестиции. Работиме на реализација на голем проект за хидроцентрали; имено, Чебрен треба да произведува до 333-458 мегавати (инвестиција од 600 милиони ЕУР), а истовремено, инвестираме во гасификацијата на нашата држава, како преодно решение за поскоро ослободување од јагленот. Планирана е конверзија кон гас во Битола (200 мегавати, 100 милиони ЕУР) и во Неготино (600 мегавати, 300 милиони ЕУР), изградба на гасен интерконектор со Грција и разгледување на можности за користење на водород како енергенс. Вкупната процена на инвестициите во енергетскиот сектор во Интервентниот план за инвестиции е 2,644 милијарди евра“, подвлече Нуредини.
На владиниот панел зборуваше и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, којшто ги претстави потенцијалите за туризам на Северна Македонија.
„Имаме 43 езера од кои 3 се тектонски: Охридско, Преспанско и Дојранско, 4 национални паркови (Маврово, Пелистер, Галичица и Шар Планина), 15 планини повисоки од 2.000 метри (највисокиот врв е Голем Кораб со висина од 2.764 метри), 3 водопади повисоки од 100 метри и Мегалитска опсерваторија Кокино (од 1800 година п.н.е.) признаена од НАСА“, рече Јаневски и нагласи дека за потенцијалните инвеститори постојат неколку туристички развојни зони кои се достапни за градење хотели, ресторани и кампови. Во ваквите зони за странските инвеститори има бројни поволности: намалено ДДВ од 18 отсто на пет проценти, нула ДДВ на градежни материјали и градежни услуги. Персоналниот данок за првите десет години е 0 отсто.
Во вториот дел од Бизнис конференцијата, пред присутните бизнисмени од Обединетите Арапски Емирати и од другите земји кои изложуваат на Експо Дубаи 2020, се претставија и претставниците на четирите најголеми стопански комори: Виктор Мизо (потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија), Трајан Ангелоски (претседател на Сојузот на стопански комори), Неби Хоџа (претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (претседателка на МАСИТ).
Официјалната делегација на Владата, предводена од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, е во дводневна посета на Обединетите Арапски Емирати.
Извор: МИА