Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека територијалниот интегритет на Украина мора да се почитува.
„Јас мојот став го кажав јасно и во лице пред дваесет дена на состанок со амбасадорот на Руската федерација во Македонија: “територијалниот интегритет на Украина како и на секоја суверена земја е константа и мора да се почитува, а сите различни ставови во поглед на актуелните прашања да се решат по дипломатски пат“, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фајсбук, додавајќи оти би дал се кога би можел да спречи страдање на цивилите и невини човечки жртви.
„Но она што исто е важно за мене како човек и Македонец, како Македонија ќе се справи со актуелните предизвици на економски и енергетски план, какви се резервите со кои Македонија располага во услови на криза која надоаѓа, ќе продолжи ли криминалот и корупцијата како и распродавањето на националните интереси. Работата на политичарите е да воспостават мир, да градат пријателства и да се даде шанса на дипломатијата. Да се сочува меѓународното право и принципи, да се сопре агресијата и да се почитува територијалниот интегритет на секоја независна и суверена држава“, пиша Мицкоски.