Најпознатата македонска алпинистка, Илина Арсова која ги искачи највисоките врвови на седумте континенти е номинирана од страна на Амбасадорката на Германија Анке Холстајн за 2022 Европска жена на годината – Илина Арсова.
Илина е планинарка, активистка за заштита на животната средина и уметница. Прва и единствена жена од Македонија која го освоила Монт Еверест висок 8848m и втора на Балканот која ги освоила највисоките врвови на сите 7 континенти. Истовремено се вбројува меѓу 70-те луѓе од целиот свет кои го совладале овој глобален екстремен планинарски предизвик.
Арсова е ревносна борка за заштита на животната средина на Охрид и Охридското Езеро, посветена на зачувување на UNESCO статусот на нејзиниот роден крај. Се има претставено на 15 соло и 50 групни настани посветени на животната средина и проблемите во модерното општество.
Како основач и поддржувач на национални и меѓународни движења и организации – TAKT, “Girl’s ride in Iran ”, The KOH I NOOR Project, Женска планинарска школа, Mountain Women, Школо за жени планинарски водичи – Илина е особено посветена на јакнењето на жените и девојчињата преку спортот.
Активно го користи спортот и како алатка за градење самодоверба и отпорност помеѓу младите луѓе преку директен контакт со 1850 деца од Скопје, Охрид, Преспа и преку-граничниот регион. Како волонтер во бегалски кампови во Грција, Илина заедно со “Climb Aid” и “Vasilika Moon” ги има претставувано качувачките спортови на бегалците.
Илина е авторка е на 2 книги и на краток документарен филм “This is Herstory” (2018) за инспиративни атлетичарки од Балканот кој е прикажан на 20-ина меѓунардни филмски фестивали и има освоено 4 меѓународни награди.
– Чест ми е да бидам номинирана за 2022 Европска жена на годината, од страна на Германската Амбасадорка Анке Холстајн. Особено ми е чест да бидам на оваа листа заедно со уште неколку прекрасни дами кои и лично ги познавам и им се воодушевувам. Навистина ме радува што сум успеала да ја мотивирам и инспирирам средината околу мене и малку пошироко, преку спорт, уметност и разни форми на активизам, изјави Арсова.
Во групата на номинира жени од страна на Амбасадорките на ЕУ земјите членки и од Амбасадорот на Европската Унија влегуваат и: Дита Старова Ќерими – претставена од Амбасадорката на Романија Моника Аксинте, Дина Дума – претставена од Амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон, Наталија Бургиева – претставена од Амбасадорот на Европска Унија Дејвид Гир и Маја Мојсова Мијовска – претставена од Амбасадорката на Хрватска Нивес Тигањ.