Нов протест на матичните лекари. И утре ординациите ќе работат само за итните случаи.
Две недели по првиот протест, матичните доктори и докторите специјалисти од секундарното здравство, утре мирно ќе протестираат во своите амбуланти и нема да работат со пациенти закажани преку „Мој термин“. од Здружението на приватни лекари велат дека нема да излезат на протест, туку ќе седат во своите ординации и ќе работат само со итни пациенти, но и оние кои треба да ја примат ампуларната терапија. Протестот велат доаѓа во знак на револт, откако не се исполнило она што беше праговарано со здравствените власти.
„Од министерот за здравство добивме молба да почекаме две недели за формирање на работните групи. Требаше да не побара во средата, еве чекавме и четврток да помине и нема никаков абер. Затоа сме принудени да го активираме протестот и да ја стопираме работата со Мој термин, што значи нема да издаваме рецепти, нема да закажуваме термини. Едноставно, ќе примаме само итни случаи“ вели за НоваТВ претседателката на Здружението, др Лилија Чолакова Дервишова и ги повика пациентите на разбирање.
Чолакова Дервишова вели дека дел од она што било разговарано на средбите со Министерството за здравство навистина бара време за да се спроведе, но вели имало и теми околу кои се постигнал договор , а се решавале само со кревање на два прста.
„На пример, условот за давање на хронична терапија кај пациентите за кои е потребен документ од специјалист не постар од една година. Ова е непотребно малтретирање за нашите пациенти, кои на 80-годишна возраст мора да одат по болници за да ја продолжат терапијата. Се знае што значи хронична терапија. Ова може да се реши многу едноставно, но надлежните треба да покажат воља“, вели таа.
Таа алармира дека Законот мора да претрпи измени, а најмалку што може да направат надлежните е барем да отворат јавна дебата.
Тие како приоритетни ги ставија проблемот со зголемување на вредноста на капитацијата барем на 75 денари од ветените 95. Бараат укинување на казните за препишување на лекови по истечен извештај од специјалист и менување на правилниците за работа.
Лошите услови во примарното здравство, според доктор Чолакова е причина што голем број доктори од примарното зравство серизоно размислуваат да ги затворат ординациите. Тројца доктори во Велес веќе се во постапка за затворање, а уште неколку лекари од Прилеп, Охрид и Битола исто така најавиле затворање на амбулантите.
На последниот состанок со Министерството за здравство беше договорено да се формираат работни групи на кои ќе се дефинираат конкретните чекори за подобрување на состојбите со кои се соочуваат со лекарите од примарното здравство.
Заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски најави дека ќе се обезбеди минимална загарантирана плата и за докторите и сестрите, за да нема одлевање на медицинскиот кадар, ниту затворање на ординациите што ќе биде на штета на пациентите. Тој исто така рече дека било договорено во иднина да се гледа за некои помали, навистина административни грешки за матичните лекари, казните да не бидат парични, туку да бидат во форма на опомена.
Инаку, бројот на матични доктори од 1.800 во последните години се намалил на 1463.
(Б.Божиновска)