Меѓународни радиодифузери и медиуми ја прекинаа работата во Русија, по одлуката на рускиот Парламент да го ограничи известувањето за вестите за инвазијата на земјата на Украина.
Германските јавни радиодифузери АРД и ЗДФ објавија дека засега го прекинуваат покривањето од нивните московски студија, но „ќе продолжат да ја информираат јавноста за настаните во Русија и Украина од нивните други локации“.
Голем број западни медиумски организации ги прекинаа своите активности во Русија по репресијата на Москва врз странските медиуми.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот потпиша нов закон кој ќе значи високи парични казни и до 15 години затвор за ширење лажни информации за вооружените сили на земјата.
Тикток ќе прекине голем дел од својата услуга во Русија.
„Немаме друг избор освен да го прекинеме преносот во живо и новите содржини на нашата видео услуга додека ги разгледуваме безбедносните импликации на овој закон“, објави компанијата.
Си-Ен-Ен ќе престане да емитува програма во Русија. „Ќе престанеме да емитуваме додека продолжуваме да ја оценуваме ситуацијата и нашите следни чекори напред“, изјавија од американската телевизија за ДПА.
Законот конкретно го казнува ширењето на наводни лажни информации за руски војници, дискредитирањето на руските вооружени сили, како и повиците за санкции кон Русија.
Москва официјално ја нарекува инвазијата на Украина „воена операција“ и веќе им забрани на медиумите да користат термини како „напад“ или „инвазија“.
Би-Би-Си во петокот објави дека планира да ја запре работата на своите новинари во Русија. Во неделата, портпаролот на радиодифузерот потврди дека нејзината меѓународна програма на BBC World News, која се емитува во многу земји надвор од Британија, е блокирана во Русија од саботата.
Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РЛ), финансирана од САД, во саботата соопшти дека ќе ја прекине работата во Русија.
Телевизијата како причини ги наведе стечајните постапки иницирани од руските даночни власти против руската филијала на РСЕ, зголемениот полициски притисок врз нејзините новинари и новиот закон за медиуми во Русија. РСЕ има физичко присуство во Русија од 1991 година.
Други европски медиуми, вклучително и шпанската државна новинска агенција ЕФЕ, весникот Ел Паис и радиодифузерот РТВЕ, како и италијанскиот радиодифузер Раи, исто така ги прекинаа своите активности во Русија.
И Нетфликс и ТикТок ги прекинаа повеќето од нивните услуги во Русија поради руското известување за војната во Украина. Суспензиите од двете платформи следуваат по одлуката на американската компанија за безготовинско плаќање American Express да ги прекине своите операции во земјата.
Тикток блокираше нови видео објави и пренос во живо, додека Нетфликс соопшти дека ја суспендира својата услуга, без да даде дополнителни детали. Нетфликс со седиште во САД веќе го стопираше производството на оригинални програми во Русија. Тикток наведе дека неговата акција била насочена да ги задржи своите вработени и корисници безбедни и да се усогласат со новите прописи за „лажни вести“ во земјата.