Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили во Украина го почитуваат прекинот на огнот од осум часот наутро и оти се отворени „хуманитарни коридори“ за евакуација на жителите на Киев и четири други украински градови Чернигов, Суми, Харков и Мариупол, објавија руските медиуми.
Русија претходно соопшти дека цивилите кои ги напуштаат градовите Киев, Чернигов и Харков ќе патуваат во Русија, некои преку Белорусија, јавија руските медиуми, повикувајќи се на соопштение на рускиот комитет за хуманитарна координација во Украина.
Според медиумите, луѓето што ги напуштаат градовите Суми и Мариупол ќе имаат избор да преминат во Русија или во украинските градови Полтава и Запорожје.
Третата рунда руско-украински разговори заврши синоќа во Белорусија, а Украинците изјавија дека се постигнати „позитивни резултати“ за хуманитарните коридори, а Русите рекоа дека „можело да се направи повеќе“.
„Постигнавме одредени позитивни резултати во логистиката за хуманитарни коридори“, објави на Твитер Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател и член на преговарачката делегација.
Третата рунда преговори се одржа во Беловешката Шума, национален парк на границата меѓу Белорусија и Полска. По други разговори минатата недела, во четвртокот беше договорено да се отворат хуманитарни коридори за цивилите во областите на тешки борби. Сепак, договорот не беше спроведен, а Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат дека спречуваат евакуација на цивили.
Москва вчера соопшти дека хуманитарните коридори ќе одат кон Белорусија или Русија, што Украина го опиша како „целосно неморално“