Ирина Верешчук, украинска министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии штотуку изјави дека Русија не се придржува кон договорот за прекин на огнот. „Нашиот хуманитарен конвој се движи кон Мариупол и ние сметаме на обврските преземени од Русија, дека тие ќе се придржуваат до прекинот на огнот. Меѓутоа, има сигнали дека Русија го гранатира правецот по кој се движи хуманитарниот конвој“.
Русија во вторникот прогласи прекин на огнот во пет украински градови, вклучувајќи го и Мариупол.
Верешчук рече дека конвојот — составен од осум камиони, како и повеќе од 30 автобуси — тргнал во 10 часот по локално време, упатувајќи се кон Мариупол од областа Запорожзија. Беше предвидено на враќање да зема луѓе – особено жени, деца и постари лица, рече таа.
Операцијата на здружените сили на Украина, на својата страница на Фејсбук објави дека за да се евакуираат цивилите во Мариупол, „бранителите на градот презеле голем број мерки: ги исчистија патиштата од мини, ги отстранија инженерските бариери итн.“
„Сепак, окупаторите не ги пуштија децата, жените и постарите лица да излезат од градот“, велат од ОЗСУ. „Непријателот изврши напад токму во правец на хуманитарниот коридор“.
Жителите на клучниот град Мариупол се соочуваат со влошена хуманитарна ситуација во последниве денови, бидејќи градот и понатаму е под опсада на руските сили решени да ја зајакнат контролата врз југот на Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денес изјави дека руските сили вршат воени злосторства држејќи 300.000 цивили како „заложници“ во опколениот град Мариупол. Тој рече дека едно дете починало од дехидрација.
„Луѓето сега се 10-ти ден без вода, без струја, живеат во засолништа кои се преполни. Недостасуваат основните работи, исто така имаат и многу здравствени потреби“, рече Мирела Ходеиб, портпаролка на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, додавајќи ситуацијата во градот останува „очајна“.