Поранешниот министер Миле Јанакиески, Снежана Филиповска-Павлевска, претседателка на комисија за спроведување на јавна набавка и Јулијана Јанкуловска-Атанасова, член на комисијата признаа вина дека ги прекршиле правилата за јавни набавки при избор на компанијата која во времето на поранешната власт на Груевски набави 202 двокатни автобуси за ЈСП.
На првото рочиште денеска за овој судски предмет, како што јави А1он за невин се изјасни само Игор Јанушев, актуелен пратеник кој исто така бил член на Комисијата која ја спроведувала набавката. За него, судската постапка ќе продолжи.
Во случајот нема штета врз буџетот на Македонија.
– Го разбрав обвинението. Се чувствувам виновен, рече Јанакиески.
Игор Јанушев, како што пренесе порталот, не го разбрал обвинителниот акт и рече:
„Ако земеме предвид дека една и друга фирма си го копирале дизајнот, не знам зошто сум јас овде и што е моја вина“.
По ова, судијата Осман Шабани праша што треба да направи судот за да Јанушев го разбере обвинението, па го препрочита обвинителниот акт.
„Ви го прочитав бидејќи не го разбравте”, рече Шабани и додаде:
„Дали вака читаното обвинение го разбирате?”, а Јанушев кажа:
„Да разбрав за што сум обвинет. Не се чувствувам за виновен”, пренесе А1 он.