Претседателските избори, заедно со парламентарните и изборите за градот Белград ќе се одржат на 3 април.
Српската Републичка изборна комисија (РИК) на денешната седница ќе го утврдува редоследот на кандидатите на листата за претседател на Република Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
РИК за претседателските избори прогласи осум кандидатури – Александар Вучиќ, како кандидат на коалицијата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“, Здравко Понош предложен од листата „Обединети за победа на Србија“, Милош Јовановиќ предложен од коалицијата НАДА (Национално демократска алтернатива), Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски како кандидат на Српската партија Заветници.
Во ждрепката ќе се најдат и Бошко Обрадовиќ, кој е кандидат на Патриотскиот блок, Билјана Стојковиќ, кандидатот на коалицијата „Мораме“, Миша Вациќ, кој беше предложен од Српската десница и Бранка Стаменковиќ на предлог на „Суверенистите“.
Иако најавуваше, поранешниот српски претседател Борис Тадиќ не се кандидираше.
Вучиќ беше предложен од коалицијата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“ што ја сочинуваат Српската напредна странка, Социјалистичката партија на Србија и Сојузот на војводинските Унгарци. Кандидатот за втор мандат на претседател на Србија, Александар Вучиќ изјави дека изборите „не се игра“, дека државата „не е играчка“ и дека не е доволно граѓаните да седат пред телевизор и да мислат „како некој убаво зборува и сешто ветува“.
Актуелниот претседател активно ја коментира војната во Украина.
„Србија е под „екстремен притисок поради тектонските промени на светската политичка сцена“, но државата ќе ги преземе „сите мерки“ за да го намали влијанието врз српската економија и политика“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ и Радикалите на Воислав Шешељ веќе порачаа дека Вучиќ е и нивни кандидат и ги повикаа граѓаните да гласаат за него.