Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против претседателот на Државната изборна комисија во период од јули 2018 година до јануари 2021 година, и против претседателот и двајца членови на комисија за јавни набавки на ДИК во 2019 година, поради злоупотреба на службена положба и фаворизирање на компании на тендери за јавни набавки. Во наведениот период претседател на ДИК беше Оливер Деркоски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
На Деркоски му се става на товар што како претседател на ДИК без да објави јавен оглас и без да спроведе јавна набавка, извршил набавка за снабдување со електрична енергија, услуги за одржување на хигиена и писмоносни услуги во внатрешен сообраќај и склучил договори со три економски оператори, на кој начин им овозможил вкупна корист од 2.8 милиони денари. Деркоски, како што велат од Управата за финансиска полиција склучил и анекс на договор за дополнителни количини на паравани за гласање, наменети за спроведување на вториот круг на гласањето за претседателски избори 2019 и предвремените избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар, со вкупна вредност од 771.600,00 денари без да спроведе постапка за јавна набавка и без предходно да утврди дали има реална потреба за тоа, со што како што се тврди му овозможил на економскиот оператор да стекне добивка од 771.600,00 денари.
Понатаму се додава и дека Деркоски заедно со претседателот на комисијата за јавни набавки што тогаш ја формирале за надградба на постојните софтверски решенија во ДИК како и двајца членови на комисијата, донеле одлука за јавна набавка и ја одобриле тендерската документација за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија но со игри ги дискриминирале можните пријавени економски оператори овозможувајќи и само на една фирма да го добие тендерот за што имала добивка од 5 милиони денари.
Со таквиот начин на работа неколку фирми стекнале добивка од 8,6 милиони денари, соопштува финансиската полиција.