Австрискиот канцелар Карл Нехамер има намера да му ја каже „вистината“ на рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина за време на нивната денешна средба, според висок австриски функционер.
Нехамер треба да биде првиот лидер на ЕУ што ќе се сретне со Путин од почетокот на руската инвазија на Украина кон крајот на февруари. Тој во саботата го посети Киев каде што се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Говорејќи пред состанокот на ЕУ во Луксембург, министерот за надворешни работи на Австрија Александар Шаленберг им рече на новинарите дека „друго е кога ќе се биде лице в лице и ќе се каже каква е реалноста: дека овој претседател де факто морално ја загуби војната“.
„Во негов интерес е да му се каже вистината. Мислам дека е важно и си го должиме на себеси ако сакаме да спасиме човечки животи. Причината за средбата е тоа што не сакаме да пропуштиме никаква можност, мораме да ја искористиме секоја шанса да ставиме крај на хуманитарната пеколна ситуација во Украина. Секој глас што ќе му помогне на Путин да ја види реалноста надвор од ѕидот на Кремљ не е изгубен глас“, додаде Шаленберг.