Методија Димовски за НоваТВ потврди дека тој ќе биде новиот генерален секретар на Владата. Вели дека новата позиција ја прифатил на покана од премиерот Димитар Ковачевски.
„Ќе се трудам до воведам проактивна транспарентност за јавноста и медиумите да ги добиваат сите информации за нашата работа“, изјави тој за НоваТВ. На нашето прашање дали стравува од предизвиците на функцијата генерален секретар и фактот што двајца негови претходници завршија во притвор тој одговори дека е време да се прекине ‘малерот’ што го носи столчето на генералниот секретар на Владата.
Димовски на местото генерален секретар на Владата доаѓа од Министерството за животна средина и просторно планирање каде бил член на Инспекцискиот совет. Пред да влезе во Министерството бил генерален секретар во Агенцијата за државни службеници или сегашна Агенција за администрација а во дел од кариерата бил и самостоен консултант.
Неговото име не е ново во политиката бидејќи во 90-тите тој беше и помошник министер за животна средина. (С.К.)