Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата „Утрински брифинг“ во врска со штрајкот организиран од синдикатот на образованието информираше дека од вкупно 75 јавни установи во 29 нема штрајк, вработените се на своите работни места и згрижувачко-воспитниот процес се одвива непречено. Во останатите градинки штрајкуваат дел од вработените, но градинките функционираат.
Таа посочи дека тоа што втора недела учениците не се во училиштата, а дел од децата не се во градинките, и воедно одбивањето на зголемувањето од 10 отсто на платите на вработените во училиштата и градинките е потврда дека интересите на децата не се земаат предвид, туку се работи за лични интереси на синдикатот.
Во врска со исплатата на плати во време на штрајк, министерката истакна дека правото на штрајк е загарантирано со Законот за работни односи и Колективните договори.
„Колективниот договор за детска заштита е јасен и дециден во делот на исплатата на придонесите и платата за време на штрајк. Придонесите ги исплаќа работодавачот, во висина на најниската основица за исплата на придонеси, додека нето плата на вработените во штрајк може да ја исплати организаторот на штрајкот – синдикатот“, рече Тренчевска. (Р.Н.)