Две лица загинаа во бомбардирањето во источниот град Попасна, изјави шефот на регионалната воена управа во Луганск, Серхи Хејдеј, кој ги обвини руските сили за гранатирање приватни домови. „Градот Попасна настрада најмногу“, рече Хејдеј за овој град кој се наоѓа во источниот украински регион Луганск. „Покрај уличните борби, руската армија постојано гранатира високи згради и приватни куќи. Вчера, мештаните издржаа пет непријателски артилериски напади. Сепак, не сите преживеаја. 66-годишен жител на Попасна почина, неговата сопруга беше повредена. Исто така, уште едно лице загина како резултат на гранатирање“, додаде тој.
Хејдеј рече дека околу 30 луѓе биле евакуирани од блискиот град Северодонецк, вклучително и 15 пациенти приковани за кревет.
Населбите во Луганск се под силен оган поради широкиот воен притисок на Русија да заземе и задржи повеќе територии во источниот регион Донбас. (од агенциите)