„Јас бев шеф на Одделението за општ криминал. Стојам позади сите обвиненија кои сум ги работела во тоа време“, вели главната обвинителка за организиран криминал и корупција Вилма Русковска во ексклузивното интервју за НоваТВ, одговарајќи на прашањето за нејзината обвинителска работа во времето на режимот на Груевски.
На прашањето дали сега е задоволна од сработеното како шефица на Одделението за гонење на организиран криминал, Русковска вели дека е само делумно задоволна. „Мислам дека доста предмети сработивме за кои постоеше голем интерес во јавноста. Дел од предметите за кои јавноста исто така ќе биде заинтересирана се во истражна или предистражна постапка. Но јас секогаш велам дека може повеќе и подобро. Капацитетите се тие кои ги имаме“, одговори обвинителката.
Во опширното интервју што го правеше Борјан Јовановски, Русковска за првпат зборува и за нејзиното учество во Шарената револуција, за тоа дали има амбиции да го замени Љубомир Јовески, за (не) успехот обвинителството да открива незаконски стекнат имот, за кривичното гонење за Скопје 2014, за неславниот крај на СЈО, како и за многу други теми.
Интервјуто во целост ќе го објавиме утре.