Еден ден откако српскиот претседател Александар Вучиќ се состана со премиерот на Косово Албин Курти, во Берлин на неформални вечери организирани од германскиот канцелар Олаф Шолц и од специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, многумина сакаат да дешифрираат што се криело зад куртоазните насмевки и што содржело дипломатското „мени“.
Самиот факт што дијалогот е обновен по цели 10 месеци и со неколку битни промени на меѓународната сцена од тоа дека сега германски канцелар е Шолц а не Меркел па до војната во Украина која им виси над главите на сите, и иако протоколот направи совршена атмосфера се да делува опуштено барем за на око, бездруго ја прави севкупната атмосфера неизвесна а со тоа и отежнителна.
Очекувано, пораките што се испратија воопшто не навестуваат лесен и брз пробив во разговорите, но самиот настан покажува дека страните сепак се подготвени на дијалог, колку и да е тој непријатен. Сепак дел од аналитичарите ценат дека на германското „белградско-приштинско рандеву“ секој од актерите присуствувал со своја агенда. Шолц да дебитира како канцелар во ова отворено прашање на Балканот, Вучиќ и без тоа потврди дека таму е присутен поради тоа што Европската Унија е стратешки интерес на Србија а Курти прозвуче по малку „тужибабовски“ изјавувајќи дека требало тој да биде повеќе ценет од Вучиќ зашто бил позаслужни за ЕУ и за НАТО.
Ваквата клима на презентација на личните гледишта, ја „наруши“ Шолц потсетувајќи ги на очекувањето на меѓународната зедница, дека дијалогот треба да доведе до сеопфатен договор со краен исход „признавање“ на Косово.
Лајчак изјави дека разговорите ќе бидат продолжени на 13 мај на ниво на главните преговарачи на Белград и на Приштина Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.
Ја поздравувам приликата за разговор во текот на неформалната вечера за дијалогот со премиерот Курти и со претседателот Вучиќ во Берлин. И се заблагодарувам на германската влада за гостопримството, изјави Лајчак.
Претседателот Вучиќ, претходно во интервју за германскиот весник „Ханделсблат”, изнесе очекување Србија да ја има истата чест и почитување од Шолц како што ја имала претходно од Меркел за време на која Германија била далеку поомилена од страна на српските граѓани за разлика од ЕУ, за која поддршката паѓа во континуитет, изјави Вучиќ за германскиот весник.
Нашите луѓе од ЕУ слушаат само едно – Србија треба да го признае Косово како независна држава. Многу Срби веќе се сити од тоа, бидејќи истовремено во Украина денеска гледаат целосно поинаков пристап на истите тие западни сили, поради што имаат чувство дека постојат двојни стандарди, изјавил Вучиќ за „Ханделсблат“.
Потребни ни се јасни и остварливи цели од ЕУ, ова го зборувам од име на сите во регионот, рече Вучиќ додавајќи дека за падот на поддршката на ЕУ во регионот, половина од вината ја имаат земјите а другата половина Брисел.
(М.Трпческа)