НСДП денеска ја одржува седмата седница на Централниот одбор за подготовките на петтиот конгрес на партијата, кандидатурите и изборот на следниот претседател на 4 јуни, информираат од партијата.
Пред настанот, организацискиот секретар и кандидат за претседател Кристијан Трајковски изјави дека ја поднел својата кандидатура и програма според сите услови и рокови предвидени со Правилникот за избор и кандидирање на претседател на НСДП кој го усвои Централниот одбор.
– Иако сум единствен кој поднесе кандидатура и програма согласно Правилникот, верувам во демократскиот дух на партијата и дека ќе имаме успешни и демократски избори за претседател на партијата на претстојниот конгрес на 4 јуни, рече Трајковски.
Прашан што доколку денес Централниот одбор, сепак донесе одлука да има само еден кандидат, односно Горан Мисовски, Трајковски одговори дека самиот правилник предвидува кандидатура за претседател да може да биде пријавена и на самиот конгрес и дека планира да ја искористи и таа можност.