Пратеникот Антонио Милошоски на почетокот на денешната расправа на Комисијата за избори и именувања на која ќе се дискутира за предлозите на владејачкото мнозинство и на опозицијата за уставни судии побара секој предложен кандидат да реферира пред пратениците за јавноста да има претстава кој ќе биде избран за член на Уставниот суд.
Овој предлог според владeјачкото мнозинство, пак, не е во рамки на Деловникот и досега кандидатите за уставни судии немале обврска да се претставуваат лично пред пратениците на што пратеникот реагираше дека ако владејачкото мнозинство не го прифати предлогот ќе остави сомнеж во јавноста дека сака да се сокрие нешто.
Милошоски смета дека од личното обраќање и претставување на кандидатите ќе имаат придобивка сите, затоа што меѓу предложените има кандидати кои се познати и признати со својот минат труд, но има и такви кои, како што рече пратеникот, освен што смениле три министри работејќи во нивните кабинети немаат свој придонес, ниту пак се истакнати во правната фела.
Уставниот суд сега работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од вкупно девет колку што брои. Во нецелосен состав е околу една година, откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски. Претседателката на Судот Добрила Кацарска, неодамна на прес-конференција предупреди и дека кон крајот на оваа година уште еден уставен судија ќе замине во пензија.
Собраниската Комисија за прашања на избори и именувања, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број на судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.
Предложени се девет кандидати. Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија, Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
С.М.