Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес ги оцени позитивно експертските разговори со бугарската делегација предводена од министерката Теодора Генчовска, која вчера и денес престојуваше во работна посета на Македонија.
„Имавме разговори во добра атмосфера и покрај инцидентот. Мислам дека овие разговори создаваат услови за нивно интензивирање, со цел да се изнајде некое решение. Имаше добар прогрес во претставување и разбирањето на позициите на двете страни и сметам дека наредните денови ќе продолжи оваа комуникација во различен формат за тие размислувања да се обликуваат во конкретни предлози кои што треба да бидат основа за решение“, рече Османи.
Мојот став е, вели тој, дека било кое решение треба да биде достоинствено и прифатливо за двете страни. Едноставно не може да се остави една страна да биде задоволна а една да биде незадоволна. Или двете страни ќе бидат подеднакво задоволни или незадоволни.
„Меѓутоа сметам дека имаше доволно конструктивна атмосфера за да можеме да се објаснуваме, за да ги неутрализираме предрасудите и стереотипите. Мислам дека нашата страна успеа да ги образложи нашите аргумени но и внимателно ги слушнавме и нивните аргументи. Има добра основа во понатамошните разговори овие идеи да се обликуваат во некакви компромисни решенија кои потоа ќе се обидеме да ги ставиме во еден пакет кој значи платоформа за надминување на разликите. Двете страни се охрабрени да продолжат но имаме уште работа. А времето е кратко, но квалитетот не смее да биде жртва на времето. Треба да гарантира одржливост на односите. Ние сме сериозно заинтересирани за одржливост на односите со Бугарија, ќе се посветиме максимално за тоа да го направиме“, изјави шефот на дипломатијата. (С.К.)