Од денес, етичкиот кодекс не постои. Денес СДСМ го оправда однесувањето на Џафери и односот кон администрацијата кој што го слушна целата македонска јавност, обвини Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, откако на собраниска комисија владејачкото мнозинство не го прифати предлогот да се расправа за пријавата на собранискиот спикер Талат Џафери.
– Ова што денес го доживеа администрацијата и на денот кога се случи, тоа што се направи со заклучувањето на пратениците е нешто што се случува во секоја институција во целата држава, секој ден. Омаловажувањата, понижувањата, мобингот, непочитувањето е нешто што на дневна основа го доживуваат сите граѓани на државата, без разлика на верска, етничка или било која припадност. Вака функционира двоецот, СДСМ и ДУИ. Вака функционира целата држава. Вака е со се во државата. Секогаш кога треба да понесат одговорност бегаат од истата, рече Мицевски.
Тој по завршувањето на гласањето на Комисијата за мандатно имунитетни прашања според кое не помина предлогот на опозицијата да се расправа за пцостите на Џафери кон вработени во Собранието, порача дека одговорност ќе има.
– Ќе одговараат пред граѓаните на Република Македонија. На 18 јуни е општонародниот протест и е почеток на крајот на оваа аздисана власт и на ова безредие во кое што живееме, а на коешто за жал бевте сведоци и вие денес, изјави Мицевски.