Вработените од Управата за водење матични книги од утре се враќаат на работа по седум недели штрајк откако со раководството на институцијата за издавање изводи потпишаа колективен договор за унапредување на нивните права. Штрајкот е ставен во мирување до 20 јули, до кога очекуваат владата да им одобри зголемување на платата од 30 отсто.
Директорот на Управата, Блерим Абази изјави дека со договорот, кој денеска бил потпишан по неколку средби на штрајкувачкиот одбор, дополнително се унапредени правата на вработените во Управата. Тој се заблагодари на Министерството за правда и министерот Никола Тупанчески за поддршката и на граѓаните кои во изминатиот период, како што рече, имале разбирање за прекинот на работата на вработените во Управата.
– Со колективниот договор се утврдуваат критериумите за годишен одмор, платените и неплатените отсуства, надоместоци на плата и други примања, исплата на регрес за годишен одмор, додаток на плата, исплата на јубилејна награда итн. Синдикатот и работодавачот во договорот го утврдија правото минималната плата да биде основна плата, изјави Абази.
Тој додаде дека како директор ќе се заложи во Предлог-буџетот за 2023 да бидат предвидени повисоки плати за Управата, а за покачување на платите во оваа година пратил иницијатива до Владата да се најде решение во најбрз рок.