„ ДОМ е против, билатералните прашања со Бугарија да се дел од преговарачкиот процес. Она што ние сакаме да постигнеме во преговорите со ЕУ се стандарди според Копенхашките критериуми, како што се владеење на правото, човековите права, борбата со корупцијата, заштитата на животната средина .. ако во преговарачката рамка има прашања од областа на образованието и историјата, процесот би се нашол во слепа улица и ќе биде невозможно да се дојде до решение кое би одело во правец на тоа се да заврши во период кој би бил предвидлив и претставува преседан, билатерални прашања да се внесуваат во преговарачки процес, изјави за НоваТВ претседателката на ДОМ и пратеничка Маја Морачанин, прашана да ја коментира позицијата на ДОМ изнесена на синоќешната средба за преговарачката рамка на коалиционите партии од власта.
Според Морачанин европски терк и пракса е ваквите прашања да се предмет на комисии, точно како што е Комисијата за образовни програми и историја со Бугарија, во кои луѓе од науката дискутираат со години на одредени теми, без политички притисок и временска одредница.
„ Овие теми треба да се надвор од политиката и ова е суштинско за ДОМ и тоа е наш конзистентен став, вели Морачанин која додава дека сите овие документи тргнувајќи од преговарачка рамка до Протокол кој не го виделе и кој не бил објавен ниту на Англиски јазик, треба да бидат преведени на Македонски јазик и поделени на сите, нешто што како предлог на ДОМ, било прифатено, изјави за НоваТВ Морачанин.
ДОМ бара овие прашања да не ги решава само Владата туку да бидат поставени на пленарна седница на Парламентот во чии рамки би имале можност да дебатираат сите пратеници од сите парламентарни политички провиниенции.
На средбата за Македонскиот јазик им било посочено дека ќе биде чист без фусноти и дообјаснувања, нo дека бугарската страна само еднаш ќе имала некаква изјава во врска со нашиот официјален јазик.
„Еве и во услови кога го прифаќаме ова, тешко е разбирлива таа бугарска позиција за Македонскиот јазик, вели Морачанин, зашто не е на една земја членка на ЕУ да оспорува јазик на друга земја. Тоа ја зголемува недовербата и наметнува сомнеж за искрените намери за градење добрососедски односи, изјави Морачанин за НоваТВ.
Мирјана Трпческа