Ова е клучен момент за Северна Македонија но и за ЕУ. Иднината на моите три деца и на сите наши деца ќе биде побезбедна и просперитетна со Западен Балкан внатре во ЕУ, порача претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на денешната прес-конференција со премиерот Ковачевски.
„Почитувани Македонци имате историска можност да кажете ‘да’ на преговр и ‘да’ на иднината на вашите деца. Одлуката за тоа е кај вас. Искрено да ви кажам како пријател, оваа можност е премногу важна да не се пропушти, никогаш не сме биле толку блиску до почеток на преговорите. Можете да сметате на политичка и финансиска поддршка и наше почитување и лојалност“, рече Мишел.
Тој додаде дека започнувањето на преговорите ќе донесе многу предности за Македонија. Информираше и дека решението за кое се дебатира е нов предлог, урамнотежен и кој ги зема предвид, како што рече, загриженостите на македонската страна.
„Ако кажете ‘да’ првата меѓувладина конференција ќе се одржи во следните денови. Преговарачките тимови ќе бидат повикани во Брисел, македонскиот јазик е ваш јазик и предлогот го почитува тоа, законодавството на ЕУ целосно ќе биде преведено на македонски јазик. Може да сметате на мене дека систематски ќе стојам зад вашите права“, истакна тој.
Мишел појасни и дека договорот за ЕУ е зацртано почитувањето на малцинските права, дека Македонија е докажан пример за нивно почитување и дека ако го промениме Уставот со внесување на бугарското малцинство, на тоа ќе се гледа како дека ги поддржуваме тие европски стандарди.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, рече дека предлогот кој сега се разгледува е европски, поддржан од сите 27 членки на ЕУ, со најповолни позиции за нас, и предлог во кој се вклучени нашите забелешки и дека е основа која ќе овозможи почеток на преговори на Македонија за членство во ЕУ. (С.К.)