Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, при рутинска проверка на атмосферската канализација на ул. Александар Урдаревски кај мостот на реката Серава во општина Бутел, открија вандалски чин кој е на голема штета на претпријатието, но и на самите граѓани, како и опасност по нивната безбедност, се наведува во соопштението од ова претпријатие.
Беше установена кражба на капаците на шахтите, опожарување на шахтите но и на самите цевки кои се дел од атмосферската канализација.
Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, утрово ги санирале штетите по што обезбедиле нормален проток на водата низ цевките и слевање во атмосферската канализација.
ЈП Водовод и канализација – Скопје, во однос на овој случај по службена должност ќе поднесе две пријави за сторено злодело, една за кражба и една за опожарување на атмосферската канализација, се наведува во соопштението од ЈП Водовод и канализација.