Преговарачката рамка треба да ги вгради европските принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми, но не и билатерални прашања и не културни јазични, историски и идентитетски прашања.
Ова е еден од предлог заклучоците на Централниот одбор на Либерално-демократската партија кој заседаваше за информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапни преговори на Македонија со ЕУ предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни 2022 година.
Во соопштението од ЛДП се наведува дека поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, ЛДП недвосмислено се залага за целосно полноправно членство на нашата земја во Европската Унија, со сите свои културни, јазични, историски и идентитетски особини, како и сите други 27 земји членки на Унијата. Од ЛДП додаваат дека Владата на Република Северна Македонија треба да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси, а по партискиот состанок утврдиле и повеќе заклучоци во однос на францускиот предлог.
ЛДП, како што информираат, се залага за целосно полноправно членство на Македонија во ЕУ, со сите свои културни, јазични, историски и идентитетски особини. (Р.Н.)