„Денес е важен момент за Северна Македонија и за ЕУ. Оваа политичка меѓувладина конференција е крај на еден долг процес и почеток на нова фаза од пристапните преговори, нешто што се надеваме дека ќе се движи побрзо“, рече еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денес по одржувањето на првата политичка меѓувладина конференција меѓу нашата земја и ЕУ во Брисел.
Вархеји нагласи дека оваа меѓувладина конференција, како што рече, е од големо значење, поради три причини. Првата е што дојдовме до почеток на преговорите по 17 години кандидатски статус и по 13 години од првата препорака за почеток на преговори. Втората, рече тој, е што за првпат се применува ревидираната методологија за нови пристапни преговори, а третата е што се праќа порака до граѓаните на Северна Македонија – ве сакаме во ЕУ.
„Ќе направиме се што може да се забрза процесот на преговори со Северна Македонија. Уште попладнево ќе почнеме со скриниг на законодавството и тоа е првиот чекор во процесот на преговори“, рече Вархеји и додаде:
„Сметам на вас премиере и на вашиот тим за да обезбедите консензус на овој пат. Знам дека не беше лесно, но го избравте најдемократскиот процес и го прашавте Собранието, претставници на народот рекоа дека сакаат да почнат преговорите“, рече Вархеји.
Еврокомесарот, на новинарско прашање, одговори дека „уставните измени мора да се случат“, а на опозицијата и порача дека емоциите нема да помогнат.
„Ја повикувам опозицијата, а имав прилика да видам како се надминаа границите на европските вредности, како што тврди дека е посветена да се случи членство во ЕУ, ајде нека го докажат тоа“, рече тој. (С.К.)