Денес во просториите на Државниот универзитет во Тетово се одржа расправа за планот за управување со националниот парк Шар Планина и расправа за Стратешка оцена на планот за управување со ова национално богатство.
„Нашата цел не е да направиме природен музеј, туку да го ставиме ова подрачје под одреден степен на заштита, а воедно да овозможиме одржлив развој на подрачјето“, рече министерот за животна средина Насер Нуредини, нагласувајќи дека паркот мора да функционира на цврста основа, правна регулатива и со солидни плански документи со кои ќе бидат заштитени покрај природните вредности и интересите на жителите и стопанствениците.
Директорот на ЈУНП Шар Планина Ибрахим Дехари ја информираше јавноста за процесите на воспоставување на системот на управување со Националниот парк, укажувајќи дека сега е вистинскиот момент да се постават прашања и да се споделат коментарите и сугестиите, било на јавната расправа или во текот на наредните две недели во писмена форма, за истите да се разгледаат и доколку се оправдани да се вметнат во планската документација.
На настанот говореше и координаторката за проекти за Западен Балкан на УНЕП Искра Стојанова, која најави нов донаторски проект „СТАР 7“, кој ќе даде придонес во надминување на проблемите со кои се соочува новоформираниот национален парк.
На јавните расправи присуствуваше и делегација на косовското Министерство за животна средина, предводена од заменик министерката Линда Чавдарбаша кој изрази подготвеност за соработка и размена на искуства од управувањето со НП Шари – делот од Шарпланинскиот масив од косовската страна.