Пет дена по официјалното отворање на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, во тамошната полиција е пријавено оштетување на таблата на која е испишано името на спорниот бугарски цар од периодот на Втората светска војна.
Од СВР Охрид потврдуваат дека е оштетен дел од информативната табла, а на самото место увид изврши полициска екипа и се работи на расветлување на случајот.
Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ беше отворен во петокот, во напната атмосфера додека група граѓани изразија незадоволство против отворањето на клуб со контроверзно име.
Демонстрантите извикуваа разни пароли и врз клубот фрлаа со јајца и камења, но протестот помина без поголеми инциденти.
Отворањето на клубот го осуди Еврејската заедница на Македонија, опозициската ВМРО – ДПМНЕ пак, најави предлог измени на Законот за здруженија и фондации со кои во иднина би се избегнале вакви спорни именувања, но и ретроградно забрана на користење на имиња на веќе регистрираните здруженија како „Иван Михајлов“ од Битола. За клубот реагираа и премиерот Димитар Ковачевски кој нагласи дека ваквите објекти од културата треба да бидат именувани според личности кои спојуваат, а не оние кои ги раздвојуваат двата народи, а реакција испрати и министерот за надворешни работи Бујар Османи.