Со дуодрамата „Кислород“ на Иван Вирипаев, во режија на Иван Јерчиќ на Народниот театар Битола, вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар, почнува 47. издание „Млад отворен театар“. МОТ, годинава како своја програмска определеност ја има македонската продукција.
„Во чест на еден од основачите на МОТ, Љубиша Никодиновски Биш, кој почина оваа година, годинава востановуваме и награда „БИШ“ , која ќе се доделува на најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија. Младинскиот културен центар како организатор, отвори повик на кој се пријавија 25 продукции, а на фестивалот ќе бидат прикажани осум селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави меѓународно жири.“, информира Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.
Претставата „Кислород“ е една од осумте претстави кои ќе се натпреваруваат за наградата „БИШ“. По освојувањето на гран при наградата на фестивалот за дуодрама „Бранко Ѓорчев“, и својата изведба на Балканскиот театарски фестивал во Благоевград, Бугарија, „Кислород“ ќе го погледне и публиката на МОТ.
„Кислород“, преку човековата потреба и желба слободно да дише, навлегува длабоко во потребата на човекот да живее, да живее живот полн со љубов, среќа, емпатија, солидарност, наспроти одразот во огледало кој денешниот човек се почесто го гледа“, вели режисерот Иван Јерчиќ.
Ова претстава заедно со уште 22 драмски перформанси ќе ги заземат сцените низ Скопје во рамки на десет дена, од 10 до 19 ноември.
„На 18-ти ноември имаме вечер токму посветена на Биш, која ќе даде комплетен осврт на Љубиша Никодиновски – Биш и неговиот придонес кон театарската уметност во земјава“, информираат од МКЦ.
Билетите за претставите изнесуваат 300 денари. Истите се достапни преку bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ.
Тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите, за што навремено ќе ја информира публиката.