НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Мојсова-Чепишевска: Другите култури немаат личност од таков формат, може ли некој да го надмине Конески?

0
By Ана Василевска on December 19, 2022 ВЕСТИ, КУЛТУРА
Весна-Мојсова-Чепишевска-фотографија
Весна-Мојсова-Чепишевска-фотографија
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Во тестаментот на Конески е пораката да продолжиме да пишуваме на македонски јазик, вели меѓудругото во разговорот универзитетската професорка Весна Мојсова Чепишевска на денот кога се навршува 101 година од раѓањето на Блаже Конески.

„Пораката да продолжиме да пишуваме на македонски јазик е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент. Тој ни укажа дека нема мали и големи јазици и големи и мали култури. Многумина му го поставуваа прашањето зошто не пишува на англиски, руски или германски. Но Конески сметал дека е одговорен и повикан да пишува на македонски, бидејќи не може и не смее да ја изневери својата генерација! И ние не смееме да ја изневериме својата генерација. И нашите потомци не смеат да ја изневерат својата генерација. Треба да продолжиме да пишуваме на македонски!“, вели таа.

Кон крајот на минатата година беше објавена нејзината книга „Конески како тестамент“, која е резултат на близу дведецениска научна посветеност и се смета за ново поглавје во вреднувањето на делото на великанот. За оваа книга и за континуираните остварувања во културата, Мојсова-Чепишевска ја доби наградата „13 Ноември“, но и по ова значајно дело продолжи неуморно да истражува за Конески. Тоа беше и причина и повод за разговор со неа, кој го водеше нејзиниот помлад колега, Иван Антоновски.

Во разговорот, Мојсова-Чепишевска посочува дека треба одново со пиетет да ѝ се навратиме и на книжевната историја и порачува дека со вреднувањето и истражувањето на опусот на Конески не смееме да запреме и да му посветуваме внимание само тогаш кога има повод. Не смееме да го затвориме тестаментот! Треба постојано да препрочитуваме и да му се навраќаме на тестаментот на Конески, вели таа. Но и посочувајќи дека ниту една друга култура нема личност од таков формат го отвора прашањето дали воопшто некој може да го надмине големиот Конески.

Со „Конески како тестамент“, Вие се надоврзавте на своите претходници со нови согледби, но сте и единствениот македонски филолог од својата генерација што посвети одделна, авторска книга на Конески. Ама зошто токму Конески „како тестамент“? И едновремено, и поттик и инспирација?

„Затоа што сметам дека делото на Конески треба да го читаме и вреднуваме како тестамент во кој е запишано завештанието како да ги чуваме и развиваме и севкупната македонска култура и Македонија. Определбата дека тоа е така, уште еднаш ми се потврди и навраќајќи се на некои текстови, особено оние во кои е присутно прашањето како е да се пишува на мал јазик. Затоа што Конески рече дека не постојат мали и големи јазици, како и дека не постојат и мали и големи култури, туку дека постојат само мали и големи души. Во тој контекст, чинам дека оваа порака е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент – и понатаму да пишуваме на овој „мал јазик“. Да пишуваме на македонски! Мислам дека овој негов аманет во годините наназад ме натера што повеќе да го проучувам неговото дело и да се обидам да истражувам помалку истражени сегменти од неговиот опус.“

 

Вашата книга е резултат токму на цврстата научноистражувачка решеност да се анализира и растајни неоткриеното, помалку познатото и помалку афирмираното, а исклучително важното од и за делото на Конески. И одново да се исчита веќе прочитаното. Која е Вашата оцена – колку во нашата средина до крај е исчитано напластеното во слоевитиот опус на Конески? И морам да Ве прашам, директно – колку според Вас, вистински го познаваме Конески?

 

„Иако сите мислиме дека го читаме неговото творештво и пишуваме за Конески, мислам дека сè уште не го познавме доволно. Никој од нас, барем оние кои сме современици на децениите на XXI век не го познава Конески целосно, туку познава само едно делче од него. Треба уште многу да сториме за да го спознаеме колку што заслужува. И во тој контекст, еве како јас го гледам Конески наспрема сите нас… Како кога ќе фрлите камче во вода и тоа создава концентрични кругови. Конески е нашето македонско камче, но концентричните кругови се шират до бескрај. Ние можеби сме во вториот или третиот концентричен круг. Мислам дека напишаното од Конески треба постојано да го читаме. Оти во него треба да го гледаме ороводецот на нашето „Тешкото“ – оној што се качува на тапанот и ги поведува другите и им е пример… И во буквална, и во преносна смисла! Неговите едновремена простост и строгост во изразот се амблем на севкупната македонска поезија и на севкупната македонска култура…“

 Ама во Вашата книга, Вие отворивте и одговоривте многу претходно неотворени прашања за Конески. Истраживте многу претходно неистражени сегменти од неговиот опус… Би издвоиле ли еден од тие сегменти кои Ви беа посебен предизвик?

„Можеби на пример предизвикот да го откријам Конески и како писател што е митолог на детството. Сфатив дека е неопходно да го сторам тоа, за да можам и на оние што остануваат по мене да им кажам колку е голем Конески – на моите студенти, на моите помлади колеги, но и на моите внуки – Илина и Дарија. Конески за мене, навистина е македонски тестамент кој се обидувам да го исчитам. Колку досега успеав да исчитам не знам, но мислам дека исчитувањето на делото на Конески не престанува… И ќе треба да продолжат и тие – генерациите што остануваат по нас. Но, должни сме тоа и да им го предочиме и да ги научиме колку е важно да бидат истрајни во предизвиците при истражувањето и вреднувањето. Зашто „има смисла во Сизифовата работа. Дали сме доволно свесни дека понекогаш руините, и по својата убавина, нè импресионираат повеќе од зачуваните градби?“, како што ни порача самиот Конески во неговиот најнеобичен текст објавен пред точно дваесет и девет години, непосредно по неговото физичко заминување, во декември 1993 година –  неговата „Таблица перваја“, која се обидов да ја исчитам во „Конески како тестамент“. Ама да се потсетиме и на првата „Таблица перваја“ на големиот Јордан Хаџи Константинов – Џинот, на првата букварка. Релацијата којашто Џинот ја градеше преку таа „Таблица перваја“ со своите ученици, и џинот на македонскиот XX век, Конески, ја градеше со своите ученици преку неговите текстови. И ние сме должни да градиме релација и дијалог со нашите современици и потомци, давајќи и им пример на вреднување на нашите предци. И учејќи ги да се изразуваат просто и строго. Со текстовите во „Конески како тестамент“, и јас се обидувам да водам дијалог и со своите колеги и со својата генерација, и со генерациите што остануваат по мене. Ама и со генерациите што беа пред нас. Се надевам дека барем до некаде успеав…“

Не само што успеавте, туку оваа книга ни е и патоказ како денес, следејќи го од Вас воспоставениот иновативен научен пристап, вистински и темелито да се вреднува делото на Конески. По толку темелита посветеност на севкупниот негов опус која резултираше со исчитувањето на неговиот тестамент, која е насоката што следна ќе ни ја дадете – за натамошните истражувања посветени на Конески? Можеби она што Вие препрочитувате и истражувате од Конески сега…

„Во последново време особено се навраќам на оние стихови на Конески коишто зборуваат за обичните животни наслади. Сега тој Конески ме интересира. Не затоа што немам што друго да кажам за „Везилка“ или за „Тешкото“, за „Ракување“ или за „Илинденски мелодии“, туку затоа што сега ме интересира тој, интимен Конески и потребата со нови исчитувања да „гребеме“ по неговото творештво, за да дојдеме како што вели тој во песната „Планина“ – до последниот слој на душата. Оти постојано во мене е присутно прашањето колку го познаваме Конески до таму, до дното на неговата душа. Обидувајќи се да дојдеме до последниот слој на неговата душа, ние треба да дојдеме до последниот слој и на сопствената душа. До последниот, суштински слој и на македонската душа… Ако можеме тоа да го постигнеме…“

 Сепак, зошто токму тој, како што велите интимен Конески е предизвик за Вас?

„Затоа што додека не ја спознаеме и лиризираната интимна биографија на Конески, не ќе можеме ни да помислиме дека многу добро, а уште помалку дека целосно го познаваме и самиот Конески, особено ние коишто го вреднуваме од временска дистанца. По досегашните обиди да се реконструира неговата лиризирана интимна биографија, од кои еден и заеднички го остваривме преку песните застапени на плочата „Проста и строга македонска песна“, мислам дека интимата, тој многу вешто ја криел и во својата поезија, а со тоа, таа станува уште повеќе привлечна и при анализата. Оти кога нешто е отворено и лесно достапно, тоа можеби и нема да го погледнеме. Но кога е затворено и притаено, едноставно жеднееме да откриеме што има таму. На тој начин сакам понатаму да го читам Конески. Не знам колку ќе успеам… Имам добра волја, енергија и доволно години и решеноста за исчитување на делото на Конески нема да ме напушти, затоа што го сакам тоа волуменозно творештво. Како што особено го сакам и творештвото на двајца од авторите на кои претходно потемелито се посветив – Коста Солев Рацин, кому му беше посветен и мојот магистерски труд и Петре М. Андреевски, на чијашто поезија се однесуваше мојот докторат. Ама истражувањата за Конески, и сега, како редовен професор со повеќе од три децении работен стаж, лично го доживувам и како наддокторат…“

 Но, покрај поетот Конески, клучен е влогот на научникот Конески. Во „Конески како тестамент“ тоа се потврдува. Оти токму Вие растајнувате и не многу познати факти за неговата истражувачка актива, ама и покажувате дека без да се исчита напишаното од Конески не може да се анализира и коментира и она што му претходи во македонската книжевност и она што следува по него…

 

„Иако мислам дека многу сум читала од стручните текстови на Конески посветени на македонската книжевност, секогаш кога одново ќе им се навратам, имам чувство дека нешто сум прескокнала во претходното читање. И секогаш сум запрепастена како тоа не сум го прочитала претходниот пат. Со секое ново навраќање кон текст на Конески откривам нешто друго, ново. Ама секогаш поврзано со нашиот бит и нашиот културен код. Меѓу другото, затоа, главната порака која ја упатив во предговорот на книгата е дека клучно место во тестаментот на Конески е изразот „погрешно пласиран човек“. Многумина пријатели на Конески, особено од редот на странските слависти му го поставуваа прашањето зошто не пишувал на некој „поголем јазик“, зошто не пишувал на англиски, руски или германски. Но тој сметал дека е одговорен и повикан да пишува на македонски, бидејќи тој е прв во генерацијата. И дека не може и не смее да ја изневери својата генерација. Оваа порака треба да биде исто толку битна и за нас. И ние не смееме да ја изневериме својата генерација. И вие, младите македонисти не смеете да ја изневерите својата генерација. Треба да продолжиме да пишуваме на македонски! Особено кога знаеме низ какви премрежиња минува македонскиот јазик сиве изминати години за да докажеме колку е долготрајно опстојувањето и развивањето негово. И низ какви премрежиња минувавме сите ние за да кажеме дека ако имаме паметење од чукунчукундедо, тој постоел и не може да се зборува дека е некаква вештачка творба.“

 

 

101 година од раѓањето на Блаже Конески Весна Мојсова Чепишевска македонски јазик
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Париз: Макрон ќе го одликува последниот колпортер во главниот фреанцуски град

August 4, 2025

Чудо што го изненади светот – жена на 76 години за првпат стана мајка

August 4, 2025

Гром удри во фудбалери – 11 играчи повредени

August 3, 2025

Постапките на Трамп убиваат, а љубовта спасува животи“, кажаа на Парадата на гордоста во Амстердам

August 3, 2025

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025
ФОКУС

Најмалку 40 Палестинци убиени во Појасот Газа, десет на хуманитарните пунктови

ВЕСТИ August 4, 2025

Најмалку 40 Палестинци беа убиени денес во напади на израелската армија, вклучувајќи десет од нив…

Хамас објави нови снимки од израелскиот заложник Ром Браславски како се грчи од глад: На работ сум на смртта

August 4, 2025

Куманово: Национализам на трибините на кои седеа и Мицкоски, Toшковски, Стоиљковиќ, Димитриески

August 4, 2025

Кијив: Повеќе од 400 напади, гранатирање на 10 населени места во Запорожје – тројца убиени

August 4, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.